Министерството за внатрешни работи официјално потврди дека автоматизираниот систем за сообраќајно санкционирање „Безбеден град“ ќе почне со работа на 1 февруари 2026 година, еден месец подоцна од првично најавениот датум.
Одложувањето доаѓа во период кога јавноста сè уште е фокусирана на состојбата во Скопје, а тестирањата на системот продолжуваат и во Тетово и Куманово – градови во кои истовремено со главниот град треба да почне издавањето автоматски казни.
Теренското тестирање покажа дека дел од камерите не регистрираат прекршоци, особено при мали надминувања на брзината. Советничката во кабинетот на министерот за внатрешни работи, Снежана Петровиќ-Арсовска, потврди дека се разгледува воведување праг на толеранција, но конечната одлука сè уште не е донесена.
Повеќе локации во Скопје, Тетово и Куманово, како и на коридорите 8 и 10, веќе се покриени со камери, но дел од нив не функционираат целосно или не се калибрирани. Најголемиот број регистрирани прекршоци досега доаѓаат од скопската обиколница, каде системот издаде опомена за само едно надминување на брзината за време на тестирањата.
Во Тетово и Куманово ситуацијата е поизразена – на многу локации камерите воопшто не биле активни или не регистрирале прекршок, иако намерно биле направени неколку. Дополнителен проблем е постојаното непрописно паркирање, за што МВР најавува дека ќе се користат специјализирани патролни возила со опрема за снимање кои ќе кружат низ градовите.
Во Куманово, само неколку дена по тестирањето, се забележани нови точки на кои се поставуваат свежи камери – што укажува дека системот сè уште се надградува.
Од МВР велат дека „Безбеден град“ ќе биде пуштен во целосна функција од 1 февруари, а до тогаш продолжува тест-фазата и калибрацијата. Дополнителниот месец, според надлежните, треба да го обезбеди потребното време за проверка на техничките параметри, но и да им даде можност на возачите да ги коригираат своите навики пред почетокот на автоматизираното казнување.


























