
Во рамките на својата официјална посета на Брисел, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, остварија значајни средби посветени на иднината на земјоделството и руралниот развој во државата.
На средбата со Елизабет Вернер, генерална директорка за земјоделство и рурален развој при Европската комисија, се разговарало за тековната соработка и реформите во агросекторот, имплементацијата на ИПАРД III програмата и зајакнувањето на институционалните и административните капацитети на државата. Муцунски потенцирал дека Владата останува цврсто ангажирана на овие области, со цел побрзо усогласување со европските стандарди.
Дипломатските активности на Муцунски во Брисел вчера продолжија со средба со еврокомесарката за проширување, Марта Кос, каде што се дискутирале текот на пристапниот процес, реформската агенда на државата и напредокот во спроведувањето на Планот за раст.
Министерот исто така одржа брифинг пред земјите членки на Работната група за проширување при Советот на Европската Унија (КОЕЛА), истакнувајќи ја посветеноста на Владата на европскиот пат и нагласувајќи дека приоритет е испорачувањето конкретни реформски резултати кои ќе го подобрат животот на граѓаните.























