
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека засега нема официјална информација од грчките надлежни институции за точниот број на македонски државјани кои биле евакуирани од подрачјата погодени од големите шумски пожари во Грција.
Од Генералниот конзулат на Северна Македонија во Солун посочуваат дека повеќе македонски граѓани веќе телефонски се обратиле за информации и помош. На граѓаните им биле пренесени упатствата и насоките од грчките служби за заштита и спасување.
Од МНРиНТ велат дека преку дипломатско-конзуларното претставништво во Солун внимателно и непрекинато се следи состојбата на теренот, со цел навремено да се реагира доколку има потреба од дополнителна асистенција.
За граѓаните кои се наоѓаат во погодените региони или имаат потреба од итна помош, отворени се следните контакти:
Дежурен телефон на МНРиНТ во Скопје:
+389 75 268 736
Е-пошта:
[email protected]
Дежурни телефони на Генералниот конзулат во Солун:
+30 694 526 8068
+389 71 323 001
Од Министерството апелираат до сите македонски државјани во регионите зафатени со пожарите внимателно да ги следат информациите од надлежните грчки институции, строго да ги почитуваат нивните наредби и препораки и редовно да ги следат пораките што се испраќаат преку системот за итни случаи.

















