УТРО.мк

Мицкоски: Новиот државен јавен обвинител мора да ја врати довербата на граѓаните во институцијата

Мицкоски: Новиот државен јавен обвинител мора да ја врати довербата на граѓаните во институцијата
Vero

Премиерот Христијан Мицкоски денеска јасно порача дека новиот државен јавен обвинител мора итно да ја врати довербата на граѓаните во институцијата. Според него, суштинската реформа не лежи во зголемување на платите или буџетите за судиите и обвинителите, туку во сериозна и континуирана борба за правда.

„Народот со право е жеден и гладен за правда. Очекувам новиот јавен обвинител да се зафати со темелна и напорна работа, да ги разгледа поднесените преку 100 кривични пријави кои сега стојат во нечии фиоки и да им даде вистинска содржина“, истакна Мицкоски, одговарајќи на пратеничко прашање.

Премиерот посочи дека процедурата за избор на нов јавен обвинител според информациите од правниот тим не би требало да трае повеќе од еден и пол до два месеци. Тој потсети дека во последната година и половина, институциите поднесувале стотици кривични пријави, а Обвинителството молчело.

„Не правиме шоу, не правиме упади во домови и не снимаме со камери. Но тоа не значи дека поднесоците не постојат. Граѓаните имаат право да негодуваат кога гледаат слаб одговор од институциите. Се надевам дека идниот јавен обвинител ќе се позанимава многу подетално и со многу повеќе посветеност“, рече премиерот.

Мицкоски нагласи дека Владата не е судска власт и не може да суди, туку единствено да доставува пријави. Одговорноста за кривичните постапки е кај обвинителите и судиите. „Првата и основна задача на јавниот обвинител е да ја врати довербата во институцијата, а потоа и во судовите. Без силна правна држава, нема успех ниту на економски ниво, ниту во инвестиции, ниту во работни места“, истакна тој.

Во рамките на реформската агенда, Мицкоски најави дека до крајот на годината или почетокот на следната, Собранието ќе ја разгледа новата законска регулатива за Судски совет, Совет на јавни обвинители, Јавно обвинителство и судска служба.

Премиерот истакна и дека Владата веќе се усогласила со барањето на обвинителите и судиите за плановите за вработување и унапредување да се одобруваат од Советот на јавни обвинители и Судскиот совет. Исто така, најави мапирање на судовите и обвинителствата за потребите на ИТ експерти, сметководители и технички персонал, со цел обезбедување соодветни средства преку Буџетот и ребалансот.

„Сè што бараат, ние го направивме. Сега ред е на новиот јавен обвинител да ја преземе вистинската борба за правда“, заклучи Мицкоски.

Uslugi
Dijamant Lotarija
Uslugi
Loto & Dzoker
Uslugi
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Uslugi
Филигран