УТРО.мк

Камерите на „Сејф Сити“ ќе имаат толеранција: Познати деталите за казнувањето

Камерите на „Сејф Сити“ ќе имаат толеранција:  Познати деталите за казнувањето
Vero

Толеранцијата при мерење на брзината кај камерите од системот „Безбеден град“ ќе биде целосно усогласена со онаа што веќе се применува кај полициските радари, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Гостувајќи во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, Тошковски појасни дека ќе важи толеранција од 6 километри на час за брзини до 100 км/ч, 8 километри на час за брзини над 100 км/ч и 12 километри на час за брзини над 200 км/ч. Оваа толеранција, како што истакна, се однесува исклучиво на сообраќајни прекршоци и не важи во случаи кога е сторено кривично дело поврзано со сообраќајот.

Министерот нагласи дека системот „Сејф Сити“ ќе ги процесуира и службените возила доколку тие не се користат во рамки на оправдани оперативни дејствија. Возилата на итната медицинска помош, пожарната, МВР и Министерството за одбрана нема да бидат предмет на санкции само доколку брзото возење е оправдано со нивната службена задача.

„Кога службените возила постапуваат во рамки на своето оперативно делување, нема да бидат санкционирани. Но, доколку нема оправдана причина за брзо возење, казните ќе важат и за нив“, изјави Тошковски.

Тој додаде дека системот ќе изрекува казни исклучиво во случаи на нерегуларно управување со моторно возило, кога употребата на службеното возило не е во согласност со законските и оперативните правила.

Воведувањето на „Сејф Сити“ отвори и поширока јавна дебата за законските и практичните аспекти на системот, неговата ефикасност и дилемата дали мерката е пред сè насочена кон подобрување на безбедноста во сообраќајот или има и фискална димензија – тема што, според најавите, ќе остане актуелна и во наредниот период.

Uslugi
Dijamant Lotarija
Uslugi
Loto & Dzoker
Uslugi
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Uslugi
Филигран