
Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид во периодот јануари–мај 2026 година бележат раст од 31,2 отсто во бројот на патници во однос на истиот период лани, со што се вбројуваат меѓу најбрзорастечките аеродроми надвор од Европската унија, покажува анализата на ACI Europe за април 2026 година.
Според податоците, македонските аеродроми во првите пет месеци од годинава опслужиле 1.580.932 патници и реализирале 10.595 летови, што претставува зголемување од 9,5 отсто на бројот на летови.
Во анализата се наведува дека Северна Македонија е меѓу пазарите со највисок раст на патничкиот сообраќај надвор од ЕУ, со пораст од 30,6 отсто, заедно со Албанија и Молдавија кои исто така бележат двоцифрен раст.
Од АCI Europe посочуваат дека европскиот авијациски пазар во април 2026 година се соочува со нерамномерно движење на сообраќајот, при што дел од големите пазари бележат пад, додека помалите и средните аеродроми покажуваат посилен раст.
Од ТАВ Македонија оценуваат дека резултатите се резултат на инвестиции во инфраструктурата, подобрени услуги и соработка со авиокомпании, што придонесува за зголемена поврзаност и побарувачка за летови кон и од земјата.















