УТРО.мк

Македонската литература за деца се претставува пред светската публика на Саемот во Болоња

Македонската литература за деца се претставува пред светската публика на Саемот во Болоња
Vero

Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) оваа година направи значаен чекор на меѓународната сцена, за првпат претставувајќи се со сопствен штанд на еден од највлијателните светски настани посветени на детската книга, Саемот на книги за деца во Болоња, кој се одржува од 13 до 16 април и ги обединува водечките имиња од светот на издаваштвото, илустрацијата и книжевноста за млади читатели.

Под покривот на хала 30, македонскиот штанд се издвојува како внимателно куриран излог на современата домашна продукција за деца. Сликовници, романи и едукативни изданија се претставени заедно со специјално изработени каталози и промотивни материјали, наменети за меѓународни издавачи, агенти и професионалци од креативната индустрија. Во центарот на вниманието се делата на 32 македонски автори и визуелните светови создадени од 19 илустратори, кои заедно ја претставуваат живата и разновидна енергија на домашната детска литература.

Од МАИ порачуваат дека ова учество е замислено како стратешки настап со поголема видливост на македонската книжевност за деца на глобалната мапа, отворање врати за преводи на странски јазици и воспоставување нови издавачки партнерства. Настапот е дел од пошироката заложба за континуирано меѓународно претставување на македонската културна продукција, особено во сегментот на најмладата публика и современата илустрација.

Поддршката од Министерство за култура и туризам на Република Македонија дополнително ја зајакнува оваа иницијатива, која доаѓа во период кога македонските издавачи сè поактивно се позиционираат надвор од националните граници.

Инаку, Саемот на книги во Франкфурт останува редовна точка во календарот на МАИ, но токму Болоња годинава се издвојува како силен акцент во насока на промоција на детската книжевност.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран