
Во пресрет на Богојавление–Водици, еден од најзначајните празници во православниот календар, низ Македонија владее свечена атмосфера. Црковните храмови во Битола, Скопје, Охрид и во бројни други градови интензивно се подготвуваат за настанот што традиционално собира илјадници верници и посетители.
Празничните активности кулминираат на 19 јануари, кога со утринските богослужби започнува чествувањето на денот посветен на крштевањето на Исус Христос во реката Јордан. Во продолжение, следи чинот на осветување на водите и положувањето на светиот крст – симболичен и духовен чин што го отсликува крштевањето како една од најважните свети тајни во христијанството.
Во рамки на Преспанско-пелагониската епархија, централната прослава ќе се одржи во дворот на храмот „Свети Великомаченик Димитриј“ во Битола, каде се очекува масовно присуство на верници и гости од регионот.
Интересот за учество во манифестациите за Водици од година во година бележи пораст. Освен оние што се осмелуваат да скокнат по крстот во осветените води, празникот го следат и бројни граѓани, за кои Водици претставуваат не само религиозен, туку и културен и општествен настан.



























