УТРО.мк

Македонија вечерва ја пречекува Старата Нова, а утре празнува Василица

Македонија вечерва ја пречекува Старата Нова, а утре празнува Василица
Vero
slava
slava

Со вечерашното дочекување на Старата нова година, православните верници кои се придржуваат до Јулијанскиот календар влегуваат во празничното расположение што кулминира утре, на 14 јануари, со празникот Василица.

Овој ден во Македонија има силна семејна и духовна симболика. Во бројни домови Василица се празнува како куќна слава, а особено свечено е кај оние што го носат името на Свети Василиј Велики – Васил, Васко, Васе, Васка и нивните изведени форми. Празничната трпеза традиционално се збогатува со погача во која се крие паричка, симбол на среќа и благосостојба. Според народното верување, оној што ќе ја пронајде паричката ќе биде следен од бериќет и радост во текот на целата година.

Утрешниот ден има и силно литургиско значење. По повод празникот Обрезание Господово и споменот на Свети Василиј Велики, во храмовите на Македонската православна црква ќе се служи света Василиева литургија – една од најзначајните богослужби во православната традиција.

Свети Василиј Велики е меѓу највлијателните личности на раното христијанство. Како еден од тројцата големи црковни учители од IV век, тој оставил длабока трага како теолог, филозоф и епископ. Роден во Кападокија, а образуван во Атина, Свети Василиј бил познат по својата борба за зачувување на православното учење и по неговата несебична грижа за сиромашните и болните. Се упокоил на 14 јануари 379 година, датум што и денес се одбележува со посебна почит.

Покрај Македонската православна црква, празнувањето според Јулијанскиот календар го следат и Руската и Српската православна црква, Ерусалимската патријаршија, како и монашките заедници на Света Гора. Наспроти нив, повеќе православни цркви – меѓу кои Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската – го прифатиле Грегоријанскиот календар.

Uslugi
Dijamant Lotarija
Uslugi
Loto & Dzoker
Uslugi
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Uslugi
Филигран