
Системот „Безбеден град“ (Safe City) наскоро ќе започне со детекција и санкционирање и на возила со странски регистарски ознаки, најавува Министерството за внатрешни работи. Со тоа се става крај на досегашната практика возилата со странски таблички да поминуваат неказнето низ македонските улици.
Од МВР информираат дека казните ќе се изрекуваат без оглед на тоа кој управува со возилото во моментот на прекршокот, при што правилата ќе важат подеднакво и за домашните и за странските возачи.
За странските државјани, како и за иселениците кои возат возила со странски регистар, ќе важат истите законски поволности. Доколку казната се плати во рок од осум дена, износот ќе биде намален за 50 проценти.
Во моментов, системот „Сејф сити“ е целосно функционален во Скопје, Тетово и Куманово. Очекувањата се дека проширувањето на детекцијата ќе придонесе за поголема сообраќајна дисциплина и намалување на сообраќајните несреќи.



























