УТРО.мк

Костадинов со критики до СДСМ: На партијата ѝ е потребна консолидација, а не импровизации

Костадинов со критики до СДСМ: На партијата ѝ е потребна консолидација, а не импровизации
Vero

Поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, се огласи по оставката на Рубин Земон од Извршниот одбор на СДСМ, оценувајќи дека актуелните случувања се уште еден показател за последиците од, како што вели, „играњето кадровски рулет“ во политиката.

Во својата објава, Костадинов посочи дека на СДСМ ѝ е неопходна внатрешна консолидација, наместо, како што наведува, ад хок комбинаторики во пресрет на локалните избори.

„Денешниве случувања се чист доказ колку скапо чини играњето кадровски рулет во политиката, класично дежа ву на Струмица во предизборието на локалните избори. На СДСМ очајно му треба внатрешна консолидација, а не ад хок комбинаторики“, напиша Костадинов.

Тој нагласи дека неговата реакција не е насочена лично против Рубин Земон, кого го нарече свој пријател, туку дека станува збор за прашање на стратегија и принципи.

„Немам апсолутно никаква намера да ја навредам личноста или делувањето на Рубин Земон. Ова е проблем на стратегијата и принципите, а не на поединецот“, додаде Костадинов.

Рубин Земон вчера поднесе оставка од Извршниот одбор на СДСМ, откако во јавноста беше објавена фотографија на која е во друштво на Виктор Стојанов, претседател на т.н. „Фондација Македонија“. Стојанов има доживотна забрана за влез во Македонија, а против него пред два месеца беше поднесена кривична пријава за ширење говор на омраза кон македонската држава и народ.

Земон, пак, преку објава на Фејсбук соопшти дека станува збор за „координиран напад“ врз него. Тој објасни дека средбата се случила случајно во трговски центар во Софија, каде што, како што вели, луѓето му пришле и побарале заедничка фотографија.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран