УТРО.мк

Кој ќе добие постојано работно место? Нов предлог за ангажираните во државните институции

Кој ќе добие постојано работно место? Нов предлог за ангажираните во државните институции
Vero

Лицата ангажирани со договор на дело и други видови договори во дел од јавниот сектор би можеле да добијат вработување на неопределено време. Предложеното законско решение предвидува фазна трансформација на нивните ангажмани, со исполнување на утврдените услови и обезбедување финансиска согласност.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на прес-конференција посочи дека предлогот треба да го реши долгогодишниот проблем на лицата кои работат во институциите без сигурност за својата работна иднина.

Според предложените одредби, опфатените институции ќе имаат рок од 90 дена од стапувањето во сила на законот да склучат договори или да донесат решенија за вработување. За најмногу половина од опфатените лица трансформацијата би стапила веднаш во сила, додека за останатите би се реализирала најдоцна до крајот на 2027 година.

Можноста ќе се однесува на лицата со важечки договор на денот на стапувањето во сила на законот, кој ќе мора да биде важечки и во моментот на трансформацијата. Во текот на постапката, институциите нема да смеат да ги раскинуваат нивните договори, освен поради повреда на договорните обврски.

Предлогот предвидува и ограничувања за идните договорни ангажмани. Од 1 јануари 2028 година, ангажирањето преку определени видови договори во опфатените институции би било ограничено на најмногу 10 проценти од вкупниот број вработени на крајот од претходната година.

Предвидени се исклучоци и можност за привремено надминување на ограничувањето со претходна финансиска согласност. За раководните лица кои нема да ги почитуваат правилата се предлагаат глоби од 250 до 500 евра во денарска противвредност.

Министерството за финансии ќе го контролира финансискиот аспект на процесот и ќе издава согласности врз основа на доставената документација и расположливите буџетски средства.

Решението нема да важи за целиот јавен сектор. Меѓу исклучените се основните и средните училишта, високообразовните и научните установи, акционерските друштва, Армијата и институциите од безбедносниот сектор.

Предвидените можности и рокови ќе зависат од усвојувањето на законот и неговото стапување во сила.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Horoskop Lotarija
Филигран