
Коалицијата ВЛЕН влегува во нова фаза на политичко делување со најавата дека ќе функционира како единствен политички субјект, процес што веќе е започнат и постепено се интензивира. Според информациите, целта е да се создаде обединета структура која ќе настапува со заедничка визија, програма и политички настап.
Во рамки на овој процес, веќе се преземаат конкретни чекори кон интеграција на партиите што ја сочинуваат коалицијата, при што фокусот е ставен на изградба на заедничка платформа и организациска структура. Како што посочуваат политичките претставници, во оваа фаза не се става акцент на лидерските позиции, туку на концептот и идната насока на движењето.
Според најавите, ВЛЕН ќе функционира како обединета политичка сила со заеднички органи и координација на сите активности. Во таа насока, веќе е формирано заедничко претседателство кое ќе ги води клучните политички процеси, додека во наредниот период се очекува формирање и на останатите раководни тела..
Исто така, договорено е политичките партии во рамки на коалицијата да делуваат под едно име и заедничко претставување, со што практично се прави чекор кон целосно политичко обединување. Овој процес, според учесниците, има за цел да обезбеди посилно и поконсолидирано политичко претставување.
ВЛЕН, кој е составен од повеќе политички субјекти, веќе подолг период работи на идејата за трансформација во единствена партија. Во претходните фази, беа разгледувани различни модели на организација, вклучително и колективно лидерство или ротација на раководните позиции, со цел да се обезбеди рамноправност меѓу сите структури.
Политичките аналитичари оценуваат дека ваквиот чекор може значително да влијае врз политичката сцена, особено во делот на консолидација на албанскиот политички блок и создавање посилна алтернатива пред идните изборни циклуси.
Процесот на обединување, според најавите, ќе продолжи и во наредниот период, при што ќе се дефинираат програмските приоритети, организациската поставеност и идниот политички настап на новиот субјект.























