УТРО.мк

Историски момент за македонското здравство: Изведена првата робот-асистирана операција во земјава

Историски момент за македонското здравство: Изведена првата робот-асистирана операција во земјава
Vero

Во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ при Медицинскиот факултет во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје успешно е изведена првата робот-асистирана уролошка операција во Македонија, што претставува значаен исчекор во развојот на современата медицина во државата.

Интервенцијата била изведена со помош на демо роботскиот хируршки систем EdGe Medical кај пациент со карцином на простата, со примена на најсовремена роботска технологија и минимално инвазивен хируршки пристап.

Операцијата ја реализирал тимот на Клиниката за урологија, предводен од д-р Виктор Станков, научен соработник и специјалист уролог. При зафатот била применета Single Site метода, односно хируршка техника што овозможува интервенцијата да се изведе преку еден единствен отвор.

Според достапните информации, ова е прва робот-асистирана операција од ваков тип не само во Македонија, туку и во поширокиот регион. Исто така, се посочува дека станува збор и за прва примена на Single Site метода од ваков вид во Европа.

Овој иновативен пристап овозможува поголема прецизност за време на операцијата, помала траума за пациентот, намалена постоперативна болка и значително побрзо закрепнување.

Од здравствените власти посочуваат дека овој успех е резултат на континуираните вложувања во едукација на медицинскиот кадар и набавка на современа медицинска опрема, со цел создавање услови за примена на најновите хируршки методи во државното здравство.

Покрај во урологијата, роботскиот хируршки систем во иднина ќе може да се користи и во гинекологијата, како и во други хируршки области, што ќе придонесе за унапредување на здравствените услуги и отворање нови можности за лекување на пациентите во земјава.

Со воведувањето на роботската хирургија, македонското здравство прави важен чекор кон приближување до стандардите што веќе се применуваат во најразвиените европски здравствени системи.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin