
Раководството на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) соопшти дека во институцијата се утврдени сериозни неправилности во работењето, меѓу кои и исчезнат интернет-кабел долг околу 15 километри, вреден околу 15.000 евра, како и недостиг на документација за дел од набавената опрема.
Според директорката Марија Андоновска, во ИЈЗ не била извршена ревизија од 2017 година, а внатрешните проверки покажале повеќе спорни набавки и договори.
Таа наведува дека дел од набавената опрема, меѓу која има компјутери, лаптопи и мобилни телефони, не е соодветно евидентирана, па не е јасно каде завршила.
Во делот на трошоците за телекомуникации, според раководството, се утврдени повисоки износи од првично планираните. За мобилни услуги биле потрошени 1,6 милиони денари, а за фиксна телефонија 1,1 милион денари.
Исто така се посочуваат и зголемени трошоци за репрезентација, како и исплати на додатоци на плата за кои се тврди дека не биле во согласност со правилата.
За одбележување на 100-годишнината на ИЈЗ, според соопштението, биле потрошени околу 50.000 евра за едночасовен настан.
Од институцијата наведуваат дека по воведувањето на контроли се намалени трошоците и се прават заштеди, а за исчезнатиот мрежен кабел сè уште нема документација каде се наоѓа или како е искористен.















