09.12.2025 – Засилени контроли од страна на Управата за јавни приходи (УЈП) и Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) открија дека дел од матичните гинеколози не издаваат фискални сметки за услугите кои ги наплаќаат.
Според неофицијални информации на „Слободен печат“, мерките следат по мониторингот на невладините организации од октомври 2024 година, кој покажал дека жените често плаќале за услуги кои би требало да бидат бесплатни, а без да добијат фискална сметка.
ФЗОМ истовремено ја проширил контролата и на други сектори, вклучувајќи ја службата за итна помош, како и проверка на реалноста на боледувањата и начинот на исплата на платите. Резултатите од сите инспекции се очекуваат да бидат објавени следната недела.
Директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски, на прес-конференцијата се осврна и на проблемот со Клиниката за онкологија при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде не се изработуваат анализи за тумор маркери.



























