Поранешниот агент на ЦИА, Џон Киријаку, предупредува дека нестабилноста во одредени региони ширум светот може да има катастрофални последици и за дипломатите и за цивилните патници. Според него, ситуацијата е толку напната што патувањето во некои земји претставува екстремен ризик.
Стејт департментот веќе има издадено предупредувања од „ниво 4“ за повеќе земји, вклучувајќи ги Иран, Украина, Судан, Сирија и Русија, каде опасностите од војни, немири, тероризам, киднапирања и неоправдани притворања се зголемени.
Киријаку, кој за време на неговата служба посетил 72 држави, изјави за LADBible Stories дека „скоро сите биле ужасни“, додавајќи дека никогаш немал можност да оди на безбедни или пријатни дестинации. Како најопасни денес ги издвојува Јемен, Сомалија, Газа, Авганистан и делови од Пакистан.
Како пример за ризиците, тој се навраќа на своите пет патувања во Јемен, од кои секое, според него, било „полошо од претходното“. Земјата е под предупредување од ниво 4 поради немири, криминал, здравствени ризици, киднапирања и тероризам. На оперативците им бил дозволен престој само во строго обезбеден хотел со деветметарски бомбоотпорен ѕид.
За време на неговата последна мисија, група јужнокорејски дипломати биле убиени во заседа веднаш по нивното пристигнување во земјата, а неколку дена подоцна и разузнавачки службеници кои дошле да го истражат нападот исто така биле ликвидирани. Поради ова, Јужна Кореја ја затворила својата амбасада.
Киријаку предупредува дека глобалната безбедност денес е во критична состојба и дека односите меѓу државите се исклучително напнати. Според него, многу е тешко да се предвиди во која насока ќе се движи светската ситуација, што дополнително го зголемува ризикот за патување во нестабилни региони.



























