УТРО.мк

Голема акција против брзите кредити: На илјадници граѓани ќе им бидат вратени незаконски наплатени пари

Голема акција против брзите кредити: На илјадници граѓани ќе им бидат вратени незаконски наплатени пари
Vero

Над 26.000 граѓани во Македонија треба да добијат поврат на незаконски наплатени средства од финансиските друштва што одобруваат брзи кредити. Станува збор за повеќе од 140 милиони денари, односно околу 2,3 милиони евра, кои биле наплатувани преку опомени, известувања и дополнителни надоместоци поради доцнење со отплатата на кредитите.

Ова денеска го соопшти директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, на заедничка прес-конференција со министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.

Според Стојкоски, инспекторите во изминатите три месеци извршиле контроли кај сите 27 лиценцирани финансиски друштва во државата, при што биле проверувани договори и наплати во периодот од 2023 до 2026 година.

Кај 18 финансиски друштва биле откриени нечесни трговски практики и неправилности во договорите за потрошувачки кредити, додека кај 12 друштва било утврдено незаконско наплатување трошоци за известувања и опомени поради задоцнета отплата.

По извршените контроли, Државниот пазарен инспекторат донел решенија со кои финансиските друштва се задолжуваат да ги вратат незаконски наплатените средства. Предвидени се рокови од 30, 60 и 90 дена, во зависност од бројот на оштетени граѓани.

Покрај обврската за враќање на парите, издадени се и прекршочни платни налози во вкупен износ од над 3,5 милиони денари. Поединечните казни се движат од 2.000 до 10.000 евра, во зависност од видот и бројот на утврдените прекршувања.

Стојкоски најави дека по истекот на предвидените рокови ќе бидат спроведени дополнителни инспекциски контроли за да се утврди дали финансиските друштва ги исполниле обврските и им ги вратиле парите на граѓаните.

Имињата на компаниите кај кои биле откриени неправилностите засега нема да бидат јавно објавени, бидејќи инспекциските постапки сè уште се во тек.

Министерот Бесар Дурмиши порача дека институциите нема да толерираат незаконски практики на штета на потрошувачите и дека контролите врз финансиските друштва ќе продолжат.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Horoskop Lotarija
Филигран