УТРО.мк

Димовски: Нема сигнали за предвремени избори, државата ќе оди на редовно гласање во 2028 година

Димовски: Нема сигнали за предвремени избори, државата ќе оди на редовно гласање во 2028 година
Vero

Пораките од владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН укажуваат дека следната пролет нема да има предвремени парламентарни избори и дека земјава ќе оди на редовно гласање во 2028 година, оцени поранешниот пратеник и политички аналитичар Илија Димовски во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21.

Според него, во изминатите шест месеци се водела дебата за можноста од предвремени избори, но актуелните сигнали од владејачкото мнозинство покажуваат дека такво гласање не се планира пред истекот на мандатот.

„Треба да констатираме дека очигледни се пораките и од ВЛЕН и од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да има предвремени избори следната пролет и дека државата првпат по подолго време ќе оди на редовни избори во 2028 година“, истакна Димовски.

Тој смета дека ваквата ситуација отвора простор опозицијата да се реорганизира и да понуди посериозна политичка алтернатива. Сепак, според него, останува да се види дали СДСМ ќе успее да го искористи периодот до следните парламентарни избори.

„На државата ѝ е потребна силна опозиција“

Димовски оцени дека отсуството на силен опозициски притисок може да ѝ одговара на власта, но не е добро за демократскиот развој на државата.

Тој се повика и на искуството од периодот кога бил пратеник, посочувајќи дека посилната политичка конкуренција носела поголема динамика и одговорност во работата на институциите.

„Кога сме имале силна опозиција, трудот што јас сум го вложувал, мојот тим на пратеници, министрите и Владата, бил со многу поголема динамика и со многу поголема одговорност“, рече Димовски.

Според него, и покрај тоа што не очекува предвремено изборно соочување, Владата во следниот период треба да покаже поголема ефикасност и да испорача конкретни резултати за граѓаните.

Поинаква динамика во албанскиот политички блок

Аналитичарот смета дека состојбата меѓу албанските партии е поинаква, бидејќи владејачките и опозициските партии имаат релативно блиска поддршка.

Тој оцени дека ДУИ би се соочила со предизвик доколку не се остварат најавите за предвремени избори. Според Димовски, партијата подолг период ги одржува очекувањата на своите поддржувачи со најави за брзо враќање на избори, а лидерот Али Ахмети во повеќе наврати ја нагласувал потребата од ново изборно соочување.

Како дополнителен предизвик за ДУИ, Димовски го посочи постоењето организирана политичка конкуренција во албанскиот блок.

„Првпат по дваесет години има очигледна организирана структура против ДУИ, која веќе наликува на сериозна партија“, оцени тој.

Според неговите очекувања, политичките процеси меѓу албанските партии би можеле да бидат подинамични, додека на македонската политичка сцена предвидува поголема стабилност во следната година до година и пол.

Власта треба да се натпреварува со сопствените резултати

Димовски процени дека, доколку изборите би се одржале во блиска иднина, односот на политичките сили во Собранието не би претрпел значителни промени. Но, нагласи дека тоа не треба да биде причина за пасивност.

Тој предупреди дека, доколку власта не ги исполни очекувањата на граѓаните, незадоволството би можело да се изрази преку граѓански иницијативи и протестни движења.

„Предизвикот на власта во овој момент не е да конкурира со опозицијата, туку да конкурира самата со себе, да си постави и да постигне повисоки цели“, порача Димовски.

Во однос на послабата политичка конкуренција, тој заклучи дека таквата состојба може да биде поволна за власта, но дека за државата би била подобра поинтензивна политичка дебата.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Horoskop Lotarija
Филигран