
Се очекува до крајот на годината да се стави точка на долгогодишната изградба на автопатот Кичево-Охрид, а неговата цена дефинитивно изнесува околу 760-770 милиони евра, со просечна вредност од 13,5 милиони евра за еден километар. Ова го истакна заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, во гостувањето на „Топ Тема“ на ТВ Телма.
„Градежните активности треба да завршат до крајот на годинава, а употребната дозвола се очекува заклучно со мај“, нагласи Николоски, посочувајќи дека досега голем дел од патиштата во земјава немале такви дозволи. Тој додаде дека делницата Кичево-Охрид е најевтината од сите автопати кои се градат во Македонија.
Финансирањето за завршување на автопатот сега ќе се обезбеди преку домашни банки, откако претходната поддршка од кинеската Ексим банка е прекината. Премиерот Христијан Мицкоски посочи дека Владата успешно се снајде, благодарение на координацијата помеѓу Министерството за транспорт, ЈП за државни патишта и кабинетот на потпретседателот Николоски. „Се обезбеди доволна сума за завршување на проектот и за пуштање во употреба“, рече Мицкоски.























