
Со силна порака за вера, надеж и заедништво, поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, во своето велигденско послание ги повика верниците да ја пренесат светлината на Христовото воскресение во секој дом и во секој дел од светот.
„Светлината на Христа воскреснатиот нека нè просвети, та со нашата вера и со богоугодни дела да го озариме светот со велигденска радост“, се истакнува во пораката, нагласувајќи ја духовната обврска на секој верник да сведочи за верата преку љубов, добрина и братолјубие.
Архиепископот потсетува дека поздравот „Христос воскресе – навистина воскресе“ не е само традиција, туку длабока порака за животот што Бог му го подарил на човекот преку победата над гревот и смртта. Според него, токму радоста од воскресението носи смирение, простување и пожртвуваност – вредности кои денес се повеќе од потребни.
Во продолжение на посланието, тој се обраќа до верниците како „возљубени празникољупци“, истакнувајќи дека Велигден е „празник над празниците“, кој ја открива суштината на христијанската вера. Радоста од овој ден, како што наведува, не е наменета само за верниците, туку за целото човештво, како симбол на вечниот живот и Божјата љубов.
Посебен акцент во пораката се става и на одговорноста на христијаните – да ја пренесат веста за воскресението, не само со зборови, туку и со дела, за и другите да ја почувствуваат радоста и да поверуваат.
Архиепископот потсетува и на историското и духовно наследство на македонскиот народ, нагласувајќи дека верата во воскресението била темел што ги одржал предците низ сите искушенија. Во таа насока, се споменуваат значајни јубилеи, меѓу кои 1.140 години од доаѓањето на светите Климент Охридски и Наум Охридски во Македонија, како и 1.110 години од упокојувањето на свети Климент.
Во пораката се истакнува и значењето на историските настани како Разловечкото востание и донесувањето на првиот устав на македонската држава, како потсетник за потребата од зачувување и надградување на духовните и националните вредности.
На крајот од посланието, г.г. Стефан заедно со членовите на Светиот архијерејски синод испраќа порака на надеж и единство, повикувајќи ги верниците да живеат со вера, љубов и посветеност, сведочејќи дека Христос е жив и дека преку Него и човекот добива вечен живот.
Празничната порака завршува со најрадосниот христијански поздрав:























