
Министерот за здравство, Азир Алиу, најави дека предлог-законот за заштита од пушење ќе биде разгледан на седница на Владата на 24 март, а потоа ќе продолжи во законодавниот процес во Собранието. Според министерот, законскиот акт ќе биде процесуиран најдоцна до крајот на април или почетокот на мај.
Иако почетната идеја беше да се започне со примена на законот од 1 март, оваа одлука беше одложена поради критики и забелешки од страна на угостителите и тутунската индустрија. Сепак, Алиу истакна дека по серијата состаноци со засегнатите страни, сите забелешки биле разгледани, и тоа од здравствен, економски, инфраструктурен и научен аспект.
Еден од главните фокуси на промените беше наменет за угостителските објекти и нивните тераси. Министерот објасни дека новите одредби ќе дозволат пушење на терасите, но само ако тие имаат најмалку две отворени страни. Ова решение е базирано на анализи за квалитетот на воздухот, кои покажуваат дека така се овозможува подобра циркулација и прочистување на воздухот. Покрај тоа, во законот ќе биде предвидена и можност за третирање на кровот како “отворена страна”, ако тоа е неопходно за подобра вентилација и брзо прочистување на воздухот.
Дополнително, Алиу најави и воведување на обврска угостителите да имаат посебен влез за делот каде што се пуши, со цел јасно одделување на зоните за пушачи и непушачи. Според министерот, овие мерки не само што ќе помогнат за зачувување на здравјето на граѓаните, туку ќе ги земат предвид и економските реалности, бидејќи голем дел од угостителските објекти во Скопје и другите градови имаат инфраструктура која не дозволува три отворени страни на терасите.























