
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, ги истакна стратешките цели на земјата во однос на европската интеграција, нагласувајќи дека отворањето на преговорите и полноправното членство во Европската Унија остануваат како највисоки приоритети. Во интервју за Алсат ТВ, Муцунски објасни дека државата континуирано ги следи европските дебати и процеси, но дека главната амбиција останува што побрзо да се постигне членство во Унијата.
„Наша цел е отварање на преговорите за членство и што побрзо полноправно членство. Секако, ги следиме различните дискусии што се водат во рамките на европските институции, но овој стратегиски приоритет е неизменлив,“ истакна министерот.
Во однос на политиката за проширување на ЕУ, Муцунски подвлече дека нема консензус меѓу земјите-членки за евентуални промени во методологијата на проширување. Според него, постојат различни идеи и ставови, но во моментот не се гледа единство во однос на тоа како и кога ќе се менуваат правилата за прием на нови членки.
„Слушаме различни предлози и идеи од страна на некои земји членки и Европската комисија, но сепак, сè уште не постои јасен консензус по ниту едно од овие решенија. Во овој момент, најважно е да се задржи фокусот на нашите амбиции за членство,“ изјави Муцунски.
Во однос на ставот на опозицијата, Муцунски се осврна на минатото и политиката што била водена од СДСМ. Според него, политичката партија која го променила името на државата и направила значителни национални отстапки во насока на европските амбиции, не може да има кредибилитет во понатамошното обликување на надворешната политика.
„Опозицијата, која пред осум години направи значителни компромиси со државните интереси, сè уште не може да покаже конкретни резултати во контекст на европската интеграција. Ние сме веќе блиску до десет години од тие отстапки, а преговорите сѐ уште не започнале,“ порача Муцунски, додавајќи дека резултатите од нивната политика се јасни и видливи.
За крај, министерот нагласи дека СДСМ, според неговото мислење, не поседува кредибилитет да предложи нови политики за надворешна политика. Тој апелираше на извинување за грешките од минатото и упати повик до СДСМ да ја поддржи Владата во напорите за враќање на националното достоинство.























