
По повод 80-годишнината на ДЛУМ, претседателката Гордана Сиљаноска-Давкова истакна дека ликовната уметност е клучен двигател на културниот и духовниот развој на Македонија. Таа посочи дека „Зимски салон 2026“ не е само преглед на најновите уметнички изрази, туку и платформа која отвора нови хоризонти за македонските творци.
„Уметничкото дело има моќ да ги надмине сите граници, географски, политички, па дури и временски. Тоа создава простор за жив дијалог меѓу нашата уметност и светските и европските тенденции“, рече Сиљаноска-Давкова, додавајќи дека македонската ликовна сцена има богато наследство од модернизмот на Лазар Личеноски и Никола Мартиноски, преку енергичните дела на Петар Мазев и поетската визија на Димитар Кондовски, сè до новите стилови на форми и значења на денешните автори.























