
Во обид да ја заштитат животната средина, активистите од „За почиста Македонија“ собраа 1.000 потписи и ја доставија својата петиција до Владата и МВР. Тие предлагаат камерите на системот „Безбеден град“, кои веќе ги следат улиците, да се користат и за откривање на граѓаните кои фрлаат отпад од своите возила.
„Секој од нас може да допринесе кон почисти улици, а технологијата може да ни помогне да ги откриеме и казниме несовесните“, изјавија од организацијата.
Особено алармантен проблем, како што велат, се отпушоците. Еден мал отпушок носи со себе бројни токсини – никотин, олово, арсен и други хемикалии кои ја загадуваат почвата и водата. Многу од нив се разградуваат дури до десет години, а микро-пластичните влакна стигнуваат до реките, оставајќи долговремена штета на природата.



























