
Четири лица, меѓу кои и две деца, се повредени по дефект на атракција на саем во Шпанија, во инцидент што предизвика шок и паника кај присутните.
Несреќата се случила на саемот во Севиља на 24 април околу 20:20 часот, кога атракцијата од типот „slingshot“ – позната како „обратен банџи“ – доживеала сериозен дефект.
Според сведоштвата и видеото кое се прошири на социјалните мрежи, капсулата со двајца патници – деца – била истрелана високо во воздух, по што при спуштањето пукнал еден од каблите. Поради тоа, капсулата нагло паднала и удрила во дел од конструкцијата пред да заврши на земја.
По падот, децата останале да лежат на подот, додека присутните во паника се обидувале да помогнат, а набргу пристигнале и службите за итна помош.
Од службите за итни случаи во Севиља соопштија дека вкупно четири лица се здобиле со полесни повреди. Две лица биле згрижени на лице место, додека двете деца, кои биле во капсулата, биле пренесени во здравствена установа за дополнителни прегледи.
„Четири лица се повредени со полесни повреди. Брзата реакција на сите служби овозможи ситуацијата да биде ставена под контрола“, се наведува во соопштението.
Локалната полиција извршила увид и ја проверува документацијата за атракцијата, додека шпанската национална полиција отвори истрага за утврдување на причините за дефектот.
Инцидентот отвори сериозни прашања за безбедноста на забавните атракции, особено оние кои функционираат со висок ризик и големи брзини.























