
Уште како 16-годишна девојка, бугарската пејачка Дара пленела со својот шарм, енергија и сценска појава, а денес нејзиното име одекнува низ цела Европа по историската победа на Евровизија 2026 во Виена.

На социјалните мрежи повторно стана вирален нејзиниот прв настап од бугарскиот „X Factor“ во 2015 година, кога тогашната 16-годишна Дарина Јотова – денес позната како Дара – успеа веднаш да го освои жирито и публиката.
Во видеото кое повторно се споделува на интернет, може да се види како младата Дара уште тогаш зрачела со неверојатна самодоверба, харизма и специфичен сценски настап, поради што многумина уште тогаш предвидувале дека пред неа стои голема кариера.
Нејзин ментор во шоуто бил познатиот бугарски музичар Криско, а Дара стигнала до самото финале и го освоила третото место. Иако не победи во шоуто, токму „X Factor“ ѝ ги отвори вратите кон музичката сцена.
Само неколку месеци по завршувањето на натпреварот, таа го објави својот прв хит „К’во не чу“, песна која за кратко време стана вистински музички феномен во Бугарија. Потоа следуваа бројни хитови, милионски прегледи на интернет и статус на една од најпопуларните млади поп-ѕвезди во регионот.
Дара подоцна изгради успешна телевизиска и музичка кариера, беше дел од шоуто „Твоето лице звучи познато“, а од 2021 година стана и ментор во „Гласот на Бугарија“, каде што двапати ги одведе своите кандидати до победа.
Круна на нејзината кариера стигна годинава кога со песната „Бангаранга“ ѝ ја донесе на Бугарија првата победа во историјата на Евровизија. Настапот во Виена беше оценет како еден од најенергичните и најоригиналните во последните години, а публиката низ Европа беше воодушевена од нејзината сценска експлозија и уникатен стил.
Многумина денес коментираат дека токму настапот на „X Factor“ покажал дека Дара е родена за голема сцена, бидејќи уште како тинејџерка поседувала харизма и присуство што ретко се гледаат кај толку млади изведувачи.
















