
Седум држави, 2.700 километри и 27 дена исполнети со нови предизвици, средби и доживувања. Велешаните Коста Тахов и Баже Миров ја завршија велосипедската тура околу Јадранското Море, која ја започнаа и ја завршија во својот роден град.
На патувањето тргнале на 17 септември во шест часот наутро, а во Велес се вратиле на 14 октомври во 16 часот. Возеле гравел-велосипеди, посетиле бројни крајбрежни градови, а дел од маршрутата поминале со траект и катамаран.

Идејата се родила повеќе од една година пред поаѓањето. Првично планирале да патуваат напролет, но авантурата ја реализирале наесен. За Тахов, привлечноста на кружните тури е во постојаното откривање нови предели, без враќање по истата делница. Покрај физичката подготвеност, како особено важна ја издвојува и психичката подготовка за повеќенеделно патување.
Од Велес се упатиле кон Струга и граничниот премин Ќафасан, а потоа преку Елбасан стигнале во Драч. Оттаму со траект заминале за Бари, од каде што продолжило нивното возење низ Италија.
Маршрутата ги водела низ Фоџа, Анкона, Венеција и Трст. Патувањето носело и непланирани заобиколувања поради оштетени патишта и делници во изградба. Во Италија престојувале и кај велосипедисти со кои претходно се поврзале преку интернет, а Венеција ја разгледале пеш, бидејќи во старото градско јадро не е дозволено движење со велосипед.
Преку Словенија ги посетиле Копер и Изола и возеле по дел од познатата велосипедска патека „Парензана“. Потоа продолжиле кон хрватското крајбрежје, низ Умаг, Пореч и Пула.
Токму во Пула патувањето добило посебен повод за славење – 21. роденден на Баже. Роденденот му бил на 3 октомври, а изненадувањето пристигнало следниот ден, додека престојувале кај велешанецот Андреј. Неговиот син му донел торта со свеќички.























