
Семејство од Швајцарија кое располага со богатство од над 15 милиони швајцарски франци (околу 16 милиони евра) донело одлука да се откаже од речиси целиот свој имот и да го насочи кон донации за општествено корисни цели.
Како што пренесува Blick, одлуката е резултат на долгорочен процес на преиспитување на вредностите, личната одговорност и влијанието врз општеството и животната средина, а не моментална реакција.
64-годишната мајка, која по професија е медицинска сестра, вели дека отсекогаш чувствувала нелагодност поради материјалното богатство. Таа израснала во скромно земјоделско семејство со десет деца, каде што, како што наведува, и покрај ограничените услови, доминирале јасни вредности.
Нејзиниот сопруг, архитект од втора генерација, го наследил поголемиот дел од имотот по смртта на својот татко. Иако семејството имало стабилни приходи, тие никогаш не воделе раскошен живот и свесно избегнувале луксуз.
Според нивната 29-годишна ќерка, вистинската вредност на семејното богатство ја дознала дури подоцна и тоа за неа било изненадување. Клучниот пресврт во размислувањето дошол пред околу три години, кога таа се ангажирала во областа на екологијата и почнала поинтензивно да ги следи последиците од климатските промени и губењето на биодиверзитетот.
Таа оценува дека состојбата бара итна реакција, поради што семејството одлучило да делува наместо да го задржи капиталот во целост.
Одлуката била донесена по повеќегодишни разговори и консултации со финансиски советник, при што процесот бил строго приватен и познат само на најблиски лица.
Според планот, до крајот на 2026 година ќе бидат донирани околу 1,5 милиони швајцарски франци на фондации посветени на заштита на климата, додека дополнителни средства ќе бидат распределени во наредниот период.
Семејството ќе задржи дел од имотот за основна финансиска сигурност, но нагласува дека најголемиот дел од богатството ќе биде пренасочен во хуманитарни и еколошки проекти.






















