
Во случај на земјотрес, најважно е да се зачува присебноста и да се постапува смирено, со цел да се намали ризикот од повреди.
Доколку се наоѓате во затворен простор, веднаш засолнете се под цврста маса, биро или покрај носечки ѕид. Заштитете ја главата и вратот и држете се подалеку од прозорци, стакло, полици и предмети кои можат да паднат. Не користете лифтови и не истрчувајте надвор додека трае потресот.
Ако земјотресот ве затекне на отворено, оддалечете се од згради, електрични столбови, дрвја и други објекти кои можат да се урнат. Останете на безбедно и отворено место додека потресите не престанат.
Доколку сте во возило, запрете на безбедно место, подалеку од мостови, тунели и надвозници, и останете во возилото додека трае земјотресот.
По завршување на потресот, проверете дали има повредени лица и доколку е потребно укажете прва помош. Внимавајте на можни оштетувања на инсталациите за гас, струја и вода, и избегнувајте користење отворен оган. Следете ги информациите и упатствата од надлежните институции преку официјалните медиуми.























