Италијанскиот моден дизајнер Џорџо Армани почина на 91-годишна возраст, соопшти неговата модна куќа во објава на социјалните мрежи. Според соопштението, Армани работел до своите последни денови и починал опкружен со најблиските, пренесе ДПА.
Армани важеше за еден од највлијателните дизајнери во светот и често беше нарекуван „Принц на модата“. Роден е на 11 јули 1934 година во Пјаченца, северна Италија, а по Втората светска војна неговото семејство се преселило во Милано. Иако започнал студии по медицина, ги напуштил по две години за да се посвети на модата.
Неговиот стил, препознатлив по лежерната, едноставна, но елегантна линија, стана симбол на софистицираност и луксуз. Креациите на Армани беа носени на бројни црвени килими од холивудски ѕвезди како Ричард Гир, Кевин Костнер, Никол Кидман и Кејт Бланшет.
Минатата година, во интервју за Corriere della Sera, Армани изјави дека размислува за повлекување, но дека ќе ја води својата компанија уште неколку години.
Неговото наследство останува запишано во историјата на модата како човек кој го промени начинот на кој светот ја доживува елеганцијата.