
Чоколадата понекогаш може да добие бел слој на површината, што кај многумина создава сомнеж дека е расипана. Сепак, во најголем дел од случаите станува збор за природен процес кој настанува поради одвојување на состојките – најчесто мастите или шеќерот.
До одвојување на мастите, односно какао-путерот, најчесто доаѓа поради нагли температурни промени. Ова може да се случи кога чоколадата се преместува од ладна во потопла средина или доколку при производството не биле испочитувани соодветните температурни услови. Исто така, ваквата појава може да се јави и при подолготрајно складирање.
Од друга страна, белиот слој може да се појави и како резултат на издвојување на шеќерот. Тоа се случува кога чоколадата доаѓа во контакт со влага – на пример, ако се чува во фрижидер или на влажно место. Откако влагата ќе испари, шеќерот останува на површината во форма на светол слој.
Иако ваквата чоколада можеби не изгледа привлечно, важно е да се знае дека тоа не значи дека е расипана. Станува збор за природна кристализација на мастите или шеќерот, предизвикана од несоодветни услови на чување.
Со други зборови, чоколадата со бел слој и понатаму е безбедна за консумирање, сè додека не ѝ е истечен рокот на употреба.























