Лушпите од јајца најчесто веднаш завршуваат во канта за отпад, но тие можат да се искористат на повеќе начини. Богати се со калциум, а правилно подготвени можат да најдат примена во градинарството, домаќинството, па дури и како извор на овој минерал.
Главната вредност на лушпата доаѓа од нејзиниот минерален состав. Таа во најголем дел е изградена од калциум карбонат, а прашокот добиен од лушпи може да содржи околу 39 проценти елементарен калциум.
Истражувањата покажуваат потенцијал
Научни истражувања ја испитувале можноста прашокот од лушпи од јајца да се користи како извор на калциум, особено кај жени по менопауза.
Во едно истражување со 85 здрави жени во доцна постменопауза, додаток кој содржел прашок од лушпи од јајца бил поврзан со зголемување на минералната густина на коските по 12 месеци.
Сепак, важно е да се нагласи дека не станувало збор за обични домашни лушпи само сомелени и изедени, туку за специјално подготвен додаток кој содржел и други витамини и минерали.
Затоа, лушпите не треба да се сметаат за „чудотворен лек“ или замена за терапија и додатоци препорачани од лекар.
Внимание ако се користат за исхрана
Суровите лушпи можат да бидат контаминирани со микроорганизми. Доколку се користат за добивање прашок, потребна е соодветна термичка обработка и темелно сушење, а потоа многу ситно мелење.
И со правилна подготовка треба да се внимава на количината. Прекумерниот внес на калциум не е корисен за секого, па лицата кои земаат лекови или веќе користат додатоци со калциум треба да се консултираат со лекар или фармацевт.
Може да помогнат и при чистење
Лушпите можат да се искористат и како благ абразив. Ситно искршени лушпи помешани со малку сол и вода можат да се употребат за отстранување тврдокорни остатоци од одредени садови.
Сепак, ваквите смеси не треба да се користат на чувствителни површини бидејќи можат да остават гребнатини.
Корисни се и во градината
Сомелените лушпи од јајца можат постепено да придонесат кон зголемување на количината на калциум во почвата. Поради тоа често се користат во градинарството и компостирањето.
Ефектот не е моментален, бидејќи лушпите се разградуваат постепено. Колку се поситно сомелени, толку полесно можат да се разложат.
Внимавајте со популарните „трикови“
На интернет често се споделува совет дека лушпите од јајца можат да ги наострат ножевите на блендер. За ова нема доволно докази, а нивното мелење може да придонесе и за абење или оштетување на делови од уредот.
Затоа, наместо да ги фрлате, лушпите можете да ги искористите на побезбедни и практични начини – во градината или за одредени домашни работи.
Најважно е да се прави разлика меѓу примените кои имаат реална основа и популарните домашни трикови за кои нема доволно научни докази.