На социјалните мрежи повторно се појави мапа што ја отвора старата расправа – која е најпознатата личност што ја претставува секоја европска држава? И додека многумина преку коментари се обидуваат да оспорат избори на соседните земји, кај Македонија речиси и да нема дилема.

Мапата, која моментално е меѓу најсподелуваните на интернет, ја претставува Европа преку фигури што светот најчесто ги поврзува со одредена земја. Некои избори се очекувани: Италија ја „олицетворува“ Леонардо да Винчи, Шпанија Кристофер Колумбо, а Португалија фудбалската икона Кристијано Роналдо. Постојат и контроверзни избори – Германија е претставена со Адолф Хитлер, Русија со Владимир Путин, а Украина со Володимир Зеленски.
За Македонија, изборот паднал на две историски извонредни фигури: Александар Македонски и Мајка Тереза.
Александар Македонски, крал и војсководец од 4 век п.н.е., останува симбол на моќ и стратегиска генијалност, создавајќи едно од најголемите царства во историјата. Од друга страна, Мајка Тереза – родена во Скопје – е глобален симбол на хуманоста, мисионерска посветеност и пожртвуваност, за што ја доби Нобеловата награда за мир.
На мапата, соседните држави исто така се поврзани со препознатливи личности: Србија со Никола Тесла, Хрватска со Лука Модриќ, додека Црна Гора ја претставува Петар Петровиќ Његош.
И покрај тоа што изборите често будат бурни реакции, мапата уште еднаш покажува колку силно поединците можат да го дефинираат имиџот на својата држава – и колку различно Европа се препознава преку своите најгласни имиња.























