Австралискиот специјалист од Клиниката за рак на кожа Body Scan, д-р Џон О’Брајан, објави вознемирувачко видео со цел да ја предупреди јавноста дека меланомот не секогаш изгледа како класичен темен младеж.
Како што објаснува, меланомот кој го дијагностицирал кај еден пациент бил „најтешкиот случај“ со кој се соочил досега, а изгледал целосно невообичаено – како црвен израсток на кожата, која на прв поглед не давала индикации дека се работи за злокобен тумор.
Пациентот му се обратил поради брзорастечка промена на раката, која на крај се покажала како нодуларен меланом – исклучително агресивна форма на рак на кожа која може да се појави на кое било место од телото.
Туморот бил со дијаметар од околу четири милиметри, тврд, издвоен од површината на кожата и се ширел забрзано. Подетален преглед открил присуство на крвни садови во мрежеста структура, бели дамки, полиморфни вени и бели линии забележливи при поларизирана светлина – карактеристични знаци на малигнен тумор.
Нодуларниот меланом е вториот најчест облик на меланом, кој најчесто се јавува кај лица на возраст меѓу 40 и 50 години. Поради својата склоност кон брзо навлегување во подлабоките слоеви на кожата, се смета за еден од најсмртоносните типови рак на кожа.
Д-р О’Брајан упатува јасен апел:
„Ако забележите било каква нова промена на кожата, дури и ако не изгледа сомнително – веднаш консултирајте се со лекар.“
Иако при дијагностицирањето на меланом вообичаено се применува правилото ABCDE (асиметрија, неправилни рабови, промена во боја, димензија и еволуција), стручњаците предупредуваат дека малигниот тумор може да се појави и без присуство на сите овие показатели.
Охрабрувачки е податокот дека дури 90% од случаите на рак на кожа може да се спречат, со оглед на тоа што главната причина е прекумерното изложување на сонце и УВ-зрачење – било природно или од солариуми.
Затоа, лекарите советуваат избегнување на сонце во најтоплите часови од денот, носење заштитна облека и задолжителна употреба на креми со заштитен фактор не помал од SPF 30.