Кинескиот производител на играчки Pop Mart забележа експлозивен раст на профитот благодарение на феноменот наречен Labubu – вирална колекционерска лутка што предизвикува редици и хистерија низ целиот свет. Според компанијата, добивката за првата половина од 2025 година се очекува да порасне за најмалку 350%, додека приходите се повеќе од утроstruчиле, објави BBC.
Labubu е измислено суштество слично на вилењак со изразити заби, чиј мистериозен изглед и лимитирана достапност создадоа глобална манија. Лутките се продаваат во слепи кутии – пакувања каде не се знае која фигура се добива сè додека не се отвори, што според експертите поттикнува однесување слично на коцкање и импулсивна куповна зависност, особено кај помладите.
Компанијата, основана во 2010 година, започна да произведува Labubu во 2019, но токму во последната година брендот ја зголеми вредноста на Pop Mart на берзата за речиси 600%. Некои продавници во САД, Јапонија и Европа мораа временно да ја запрат продажбата поради преголема побарувачка. Популарноста доби дополнителен замав поради поддршката од Ким Кардашијан и Лиса од Blackpink.
На вторичниот пазар, некои Labubu фигури достигнуваат и стотици долари, а во јуни во Пекинг беше продаден Labubu во човечка големина за вртоглави 150.000 долари. Растот донесе и еден непожелен ефект – бум на фалсификати. Само минатиот месец, кинеските власти заплениле над 46.000 лажни лутки, познати под името Lafufu.
Иако Pop Mart доминира во светот на колекционерските играчки, расте загриженоста дека ваквиот „гемблифициран“ пристап ги претвора децата и младите во зависници од купување – а на пазарот каде една играчка може да вреди колку автомобил, границите меѓу играчка, инвестиција и искушение сè повеќе се бришат.