
Сè поголем број научни истражувања потврдуваат дека пешачењето е една од најдостапните и најкорисни физички активности за здравјето, со позитивно влијание врз срцето, крвниот притисок и менталната состојба.
Студиите покажуваат дека редовното одење може да придонесе и за намалување на ризикот од одредени здравствени проблеми, како болки во грбот и срцеви заболувања. Според дел од истражувањата, 10.000 чекори дневно значително го намалуваат ризикот од кардиоваскуларни заболувања.
Иако пешачењето може да помогне во процесот на слабеење, експертите нагласуваат дека неговиот ефект врз губењето на тежина е ограничен во споредба со поинтензивни активности како трчање или вежби со оптоварување.
Во просек, едно лице согорува околу 250 калории за еден час умерено пешачење, што значи дека само оваа активност не е доволна за значително намалување на телесната тежина доколку не се комбинира со правилна исхрана.
Сепак, резултатите покажуваат дека пешачењето може да биде многу поефикасно кога се комбинира со диета со намален внес на калории. Лицата кои пешачеле околу 2,5 часа неделно, заедно со диета, изгубиле повеќе килограми и телесни масти во споредба со оние кои се потпирале само на исхраната.
Според експертите, клучен фактор е доследноста и бројот на изодени чекори. Истражувања укажуваат дека лицата кои успешно одржале значително намалување на телесната тежина најчесто правеле околу 10.000 чекори дневно на подолг рок.
Исто така, темпото на одење игра важна улога – побрзото и поинтензивно пешачење се смета за поефикасно за кардиоваскуларното здравје и согорувањето на калории. Дополнителни ефекти се постигнуваат и со одење по наклон, носење лесен товар или активно користење на рацете при движење.
Иако не е најбрз метод за слабеење, пешачењето останува една од најбезбедните и најодржливи форми на физичка активност.























