Нова научна студија открива загрижувачка можност: микроорганизми замрзнати во арктичкиот пермафрост до 40.000 години може повторно да се „разбудат“ ако летата на Арктикот се продолжат. Откако ќе станат активни, овие микроби би можеле да почнат да произведуваат јаглерод диоксид и метан, стакленички гасови кои дополнително би го забрзале глобалното затоплување.
Истражувањето, објавено на 23 септември во Journal of Geophysical Research: Geosciences, го спровеле научници од Калифорнискиот институт за технологија (Caltech) и Универзитетот во Колорадо, Боулдер. Според нивните податоци, микроорганизмите кои спиеле уште од последниот ледениот период би можеле да се активираат за само неколку месеци доколку температурата продолжи да расте со сегашното темпо.
Пермафростот — слој на земја, карпи и мраз што останува замрзнат најмалку две години — го покрива околу 85% од Аљаска. Древните микроби се наоѓаат длабоко во слоевите, кои се одмрзнуваат само ако топлината трае подолго време. „Еден топол ден не е толку значаен колку продолжено лето кое се протега и во есента и пролетта“, објаснува др. Тристан Каро, постдокторски истражувач на Caltech.
Во лабораторија, примероците биле натопени со вода богата со деутериум за следење на активноста на микробите. По шест месеци експеримент, микробите изложени на температури од 4 °C и 12 °C покажале значителни промени и создадоа видливи биофилмови, што укажува на нивна активност. „Овие примероци дефинитивно не се мртви“, потенцира Каро.
Научниците предупредуваат дека повторното „будење“ на древните микроби може да има сериозни последици за глобалната клима. Микробите се хранат со органска материја и при метаболизмот ослободуваат јаглерод диоксид и метан — два клучни стакленички гасови. Како што Арктикот се загрева двојно побрзо од остатокот на планетата, топењето на пермафростот станува подлабоко и продолжително, што може да предизвика масовно ослободување на јаглерод.
Проф. Себастијан Копф од Универзитетот во Колорадо предупредува: „Ова е една од најголемите непознатости во разбирањето на климатските промени. Прашуваме како топењето на огромни количини замрзната почва, која чува огромни резерви на јаглерод, ќе влијае на екологијата и темпото на глобалното затоплување.“
Истражувачите нагласуваат дека досега анализирале микроби само од едно место, па другите региони на пермафростот можат да реагираат поинаку на покачените температури. Сепак, студијата јасно покажува дека топењето на пермафростот претставува не само геолошка, туку и биолошка закана со потенцијал да го промени текот на климатските промени на планетата.