
Македонскиот автомобилист и повеќекратен европски шампион на ридски патеки, Игор Стефановски, отвора ново поглавје во својата кариера. Од оваа сезона тој ќе се натпреварува со прототип болид „Норма“, во најпрестижната и најмоќната класа на европскиот ридски автомобилизам.

Со овој потег, Стефановски станува првиот возач од Балканот кој ќе настапува со ваков прототип на официјални меѓународни натпревари. Станува збор за исклучително редок тркачки автомобил, а според самиот возач, во светот се произведени само 12 вакви болиди.

„Отворам ново поглавје во мојата кариера. За овој момент сонувам цел живот. Ќе бидам првиот возач од Балканот кој ќе настапува со прототипот „Норма“, еден од само 12 вакви болиди произведени во светот“, изјави Стефановски.
Тој нагласи дека новиот прототип располага со врвна технологија и перформанси кои се блиски до оние на болидите во Формула 1, што претставува голем предизвик, но и можност за нови успеси.

Првите тестирања со новиот автомобил ги изврши на Водно – место кое има посебно значење во неговата кариера, бидејќи токму таму започнала неговата тркачка приказна.
„Со овој болид влегуваме во нова категорија, со исклучително силна и бројна конкуренција. Верувам дека и во оваа класа ќе бидеме конкурентни и ќе се бориме за нови подиуми на европските ридски трки“, истакна Иџе.
Прототипот „Норма“ е конструиран исклучиво за натпреварување и се одликува со ултралесна шасија, напредна аеродинамика и одличен сооднос меѓу тежината и моќноста, што му овозможува врвни перформанси на планинските патеки.
Со преминот во највисоката категорија на европските ридски натпревари, Игор Стефановски – Иџе не само што прави значаен исчекор во својата кариера, туку уште еднаш ја промовира Македонија на европската автомобилистичка сцена.

















