
Одлуката на Врховниот суд на Шпанија да ѝ признае право на пензија од 1.400 евра месечно на 61-годишна жена предизвика големо внимание во јавноста.
Станува збор за жена која повеќе од две децении не била формално вработена, откако пред 33 години ја напуштила работата како административен службеник за целосно да се посвети на грижата за семејството и децата.
Според судските документи, долгогодишното отсуство од пазарот на трудот значително ги намалило нејзините можности повторно да се вработи, особено во подоцнежните години од животот. Судот ги зел предвид токму овие околности при донесувањето на одлуката.
По разводот во 2014 година, жената продолжила да добива финансиска поддршка од поранешниот сопруг, кој месечно ѝ исплаќал меѓу 4.000 и 6.000 евра за нејзино и за издржувањето на децата.
Спорот започнал кога поранешниот сопруг побарал намалување на исплатите, по што следувале повеќегодишни судски постапки и жалби. На крајот, случајот завршил пред Врховниот суд на Шпанија.
Највисоката судска инстанца пресудила во корист на жената, оценувајќи дека нејзината долгогодишна финансиска зависност и жртвувањето на кариерата поради семејните обврски претставуваат важни фактори што мора да бидат земени предвид.
Одлуката предизвика широка дебата во Шпанија, бидејќи многумина сметаат дека може да влијае и врз идни слични случаи на лица кои поради грижа за семејството со години биле надвор од работниот процес.

















