
Екстремно нискиот водостој на Дунав во Будимпешта доведе до необично и историски значајно откритие, кое повторно отвори едно од најмрачните поглавја од Втората светска војна.
На будимскиот брег на реката, кај плоштадот Батјани, токму спроти зградата на унгарскиот парламент, од водата по повеќе од осум децении излегле речиси целосно сочуван германски воен мотор, воена опрема и посмртни останки на двајца германски војници.
Откритието предизвикало големо внимание кај археолозите, историчарите и истражувачите на воената историја, особено поради неверојатно добрата состојба во која се наоѓал моторот, иако во Дунав поминал дури 81 година.
<strong>Први го забележале случајни минувачи</strong>
Моторот бил забележан на будимската страна на Дунав, каде што минувачи меѓу камењата најпрво виделе дел од предната вилушка како излегува од речниот талог.
По пријавата, на локацијата пристигнале стручни лица од Институтот и музејот за воена историја, како и претставници на унгарската партнерска организација на германскиот Volksbund Deutsche Kriegsgräberfürsorge, која се занимава со воените гробишта и судбините на загинатите војници.
При истражувањето, од коритото на Дунав бил извлечен речиси целосно сочуван германски воен мотор од Втората светска војна.
Во негова близина биле пронајдени и противтенковски мини, муниција и посмртни останки на двајца германски војници.
<strong>Се поврзува со опсадата на Будимпешта</strong>
Пронајдениот мотор е особено значаен бидејќи потекнува од периодот на опсадата на Будимпешта, една од најкрвавите битки во завршната фаза на Втората светска војна.
Во текот на борбите, речиси 50.000 германски и унгарски војници загинале или биле заробени.
До пролетта 1944 година, Унгарија не била главно боиште. Ситуацијата драматично се променила на 19 март 1944 година, кога силите на нацистичка Германија ја окупирале земјата.
Окупацијата имала катастрофални последици за еврејското население и цивилите во Унгарија, но и за голем број војници распоредени на нејзината територија како дел од воените планови на Адолф Хитлер.
Според потполковникот д-р Норберт Самвебер, директор на Воено-историскиот архив при Институтот и музејот за воена историја, моторот најверојатно припаѓал на една од значајните германски единици кои во текот на опсадата биле опколени во Будимпешта.
Откритието претставува редок материјален сведок за борбите што се воделе во градот пред повеќе од осум децении, а нискиот водостој на Дунав овозможил дел од таа заборавена воена историја повторно да излезе на површина.

















