Православните верници денеска го одбележуваат празникот посветен на Преподобен Алипј Столпник, еден од најпознатите столпници и подвижници на Црквата, кој цели 53 години поминал во пост и молитва на врвот од столб.
Алипј е роден во пафлагонискиот град Адријанопол. Од детството бил предаден на црковна служба, а како ѓакон служел во храмот на епископот Теодор. Желбата за осамување и длабока молитва го однела надвор од градот, на запуштени елински гробишта што биле избегнувани поради демонски привиденија.
Според преданието, тука поставил крст, изградил храм во чест на света Ефимија – која му се јавила во сон – и подигнал столб на кој се искачил, останувајќи таму до крајот на својот живот. Ниту потсмевот на луѓето, ниту демонските искушенија, кои долго време го напаѓале со привиденија и камења, не го поколебале во неговата намера.
Со силата на молитвата, крстот и името Христово, ги победил демонските искушенија, а со текот на времето луѓето почнале да го почитуваат, барајќи од него молитви, утеха и исцеление. Околу неговиот столб подоцна биле изградени два манастири – машки и женски, во кои се замонашиле и неговата мајка и сестра.
Свети Алипј бил познат по големиот подвижнички подвиг, а според сведоштвата, често бил озаруван со небесна светлина. Починал на повеќе од стогодишна возраст, во 640 година, за време на царот Ираклиј. Дел од неговите мошти, меѓу кои и неговата света глава, денес се чуваат во манастирот Кутлумуш на Света Гора.



























