Во австриските Алпи, подготовките за зимската туристичка сезона се во полн ек, но многу хотели и ресторани се соочуваат со сериозен проблем – нема кој да работи како келнер, пишува „Heute.at“.
Сезоната, која ќе започне на 18 декември 2025 и ќе трае до 6 април 2026 година, традиционално привлекува туристи од целиот свет. Меѓутоа, сопствениците на угостителски објекти се жалат дека, и покрај понудата за висока плата и добри услови, не можат да најдат доволно квалификуван персонал.
„Дури и пред пандемијата, не беше лесно да се најдат квалификувани келнери од Австрија, а сега ситуацијата е уште потешка. Многу работници ја напуштија оваа професија за време на кризата“, вели сопственик на хотел во тиролскиот град Флис.
За да го надминат недостигот, хотелиерите се принудени да бараат персонал од странство преку Австриската служба за вработување (AMS). Огласот предвидува работа со полно работно време, познавање на германски јазик, независност, посветеност и љубезност, а пожелно е и претходно искуство во угостителство.
Минималната месечна плата изнесува 2.200 евра бруто, со можност за зголемување, како и бесплатно сместување и оброци. Сепак, засега, апликации пристигнале само од Мароко, но тие не се целосни, што дополнително ја отежнува потрагата по персонал.
Австриските угостители предупредуваат дека, без доволен број на келнери, голем дел од туристичката сезона може да биде загрозен.























