На годинешното 59. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, НУ Народен театар Битола постигна значаен успех со претставата „Црно семе“, адаптација по романот на Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски. Претставата беше добитник на две престижни награди:
Награда за современа сценска драматизација и адаптација, доделена на Јелена Цветановска;
Награда за главна машка улога, која ја освои актерот Мартин Мирчевски за улогата на Доне Совичанов.
Директорот на Битолскиот театар, Васко Мавровски, по повод признанијата изјави:
„Се гордеам што претставата посветена на македонската кауза ‘Црно семе’ освои две значајни награди на Македонскиот театарски фестивал ‘Војдан Чернодрински’. Честитам на сите колеги кои добија награда на фестивалот и посакувам уште многу успеси. Време е македонскиот театарски фестивал ‘Војдан Чернодрински’ повторно да биде македонски со големо ‘М’. Продолжуваме посветено да работиме на промоција на македонската драматургија, со македонски уметници – овие награди се само поттик да продолжиме по зацртаниот пат. Благодарност до целата екипа на претставата ‘Црно семе’ и целиот колектив на Битолскиот народен театар кои со својата посветеност кон претставата придонесоа да создадеме спектакл кој не се заборава.“
Покрај успехот на Битолскиот театар, уште едно признание отиде во рацете на битолчанец – сценографот Валентин Светозарев, кој ја доби наградата за најдобра сценографија за претставата „Рацин“, во продукција на НУ НТ „Јордан Хаџи-Константинов Џинот“ од Велес.
Светозарев со хумор ја прокоментира наградата:
„Мојата професија е архитект. Може никогаш не направив куќа со високи шимшир порти, ама по некоја сценографија направив.“
Во чест на добитниците, Театар Комедија ја изведе претставата „Вистината 2“, под режисерската палка на Владимир Јурц.
Покровители на фестивалот беа Министерството за култура и туризам и Општина Прилеп.