На 12. Меѓународен фестивал на комедијата „Гола месечина“, кој се одржа од 10 до 13 овој месец во паркот „Авионче“ во Општина Аеродром, македонскиот режисер Дејан Пројковски ја доби Наградата за најдобра режија за претставата „За нас почнува живот“.
– Пројковски маестрално креира кохерентен и комплексен сценски свет, каде секој елемент е внимателно избалансиран помеѓу трагичното и комичното, радоста и болката, стравот и зависта, трансформирајќи ја претставата во уметничко доживување со длабочина – се наведува во одлуката на жирито.
Наградата за најдобра претстава ја доби „Брачно советувалиште“ на Театар Јазавац од Бања Лука, заради исклучителната уметничка целина, колективната актерска игра и впечатливото визуелно обликување.
Наградата за најдобра машка улога ја доби Иван Томашевиќ за улогата на Данило Сречковиќ во „Вонбрачна комедија“ на Сцена Маска од Србија, додека Душан Симиќ ја доби наградата за споредна улога за изведбата на три различни лика во истата претстава.
Најдобра женска улога годинава беа прогласени Глориа Дубељ и Ива Шимиќ Шакороња од претставата „Ива и Глориа“ на Театар Керекеш од Хрватска, кои со сценска енергија и брзи трансформации оживеаа повеќе препознатливи ликови од секојдневието.
Жирито годинава беше составено од Кристина Ласовска, Оливер Јосифовски и Мирјана Поповска Ристов, а претставите ги избра Роберт Ристов.