УТРО.мк

Земјоделците револтирани: Голема разлика меѓу откупните и малопродажните цени на храната

Земјоделците револтирани: Голема разлика меѓу откупните и малопродажните цени на храната
Vero

Огромниот јаз меѓу цените по кои земјоделците ги продаваат своите производи и оние што ги плаќаат потрошувачите на пазарите и во маркетите повторно го разгоре незадоволството во земјоделскиот сектор. Производителите велат дека работат на работ на исплатливост, додека најголемиот дел од профитот завршува во рацете на откупувачите и трговците.

Според нивните пресметки, доматите од нивите се откупуваат по околу 50 денари за килограм, но кога ќе стигнат до тезгите и рафтовите нивната цена се искачува и до 150 денари. Слична е состојбата и со пиперката, откупната цена се движи околу 100 денари, додека малопродажната достигнува и до 160 денари за килограм. Оризот, пак, од земјоделците се презема по околу 80 денари, а крајниот потрошувач го плаќа приближно 120 денари.

Земјоделците реагираат дека ваквата разлика одамна не е исклучок, туку правило во домашниот пазарен синџир. Тие тврдат дека по цела година напорна работа – од подготовка на земјиштето, наводнување и заштита на посевите, до берба и транспорт, на крај остануваат со минимална заработка, додека трговската мрежа ги собира најголемите придобивки.

„Ние го носиме товарот на производството, а некој друг го собира профитот“, велат разочарани производители, посочувајќи дека без посериозен надзор и контрола на маржите, состојбата само ќе се влошува.

Според нив, клучниот проблем лежи во недоволната контрола на терен и во нејасниот синџир на откуп и продажба. Тие бараат поголемо присуство на инспекциските служби и поголема транспарентност во формирањето на цените, за да се знае точно кој колку заработува од секој килограм земјоделски производ.

На зелените пазари, како што велат дел од земјоделците, сè поретко се среќаваат вистински производители. Просторот, според нив, го заземаат препродавачи, што дополнително ја зголемува крајната цена за граѓаните. Оттаму доаѓа и нивната проценка дека реалната продажна цена на доматите би требало да биде значително пониска од сегашната пазарна.

Од друга страна, експерти од земјоделскиот сектор предупредуваат дека проблемот е системски и се провлекува со години. Тие предлагаат воведување јасни правила за формирање на цените – од производствени трошоци, преку фер маржа за земјоделците, до ограничена трговска заработка, со цел да се воспостави пофер пазарен баланс.

Дополнително, се нагласува потребата од посилна институционална контрола и намалување на сивата економија, која според нив дополнително го нарушува пазарот и ја замаглува разликата меѓу вистинските производители и прекупците.

Во исто време, се посочува дека проблемот не е нужно поврзан со увозот, бидејќи и во соседните земји трошоците за производство се слични, туку со степенот на државна регулација и организација на пазарот.

MegaWin
MegaWin
Green Machines

Сподели го овој напис

MegaWin
MegaWin
Филигран