Сите главни индекси на Волстрит синоќа достигнаа нови рекордни нивоа, поттикнати од намалувањето на каматните стапки од страна на Федералните резерви и силниот раст на технолошките акции, пред сè на Intel и Nvidia.
Dow Jones се искачи за 0,27% на 46.142 поени, S&P 500 за 0,48% на 6.631 поен, додека технолошкиот Nasdaq скокна за 0,94% на 22.470 поени. Оптимизмот на инвеститорите е резултат на одлуката на ФЕД во средата да ги намали каматните стапки за 0,25 процентни поени.
Растот го поддржа и индексот Russell, кој ги следи акциите на компании со помала пазарна капитализација. Инвеститорите очекуваат дека токму овие компании ќе профитираат најмногу во услови на поевтино финансирање.
Акциите на Intel беа во центарот на вниманието, со скок од речиси 23%, откако Nvidia објави дека ќе вложи 5 милијарди долари во производителот на чипови кој со години се соочува со тешкотии. Истовремено, акциите на Nvidia пораснаа за 3,5%, надоместувајќи ги загубите од претходниот ден.
Секторот за производство на чипови во целина забележа раст од 3,6%, што го подигна технолошкиот сегмент на S&P за 1,36%.
Со ваквиот развој, главните индекси на Волстрит се движат кон силни неделни добивки. Од почетокот на неделата, S&P 500 е зголемен за 0,7% и е на пат кон шестата добивка во последните седум недели. Ист процентуален раст бележи и Dow Jones, додека Nasdaq води со скок од 1,5%.
Позитивен тренд се забележа и на европските берзи: лондонскиот FTSE порасна за 0,21% на 9.228 поени, франкфуртскиот DAX за 1,35% на 23.674 поени, а парискиот CAC за 0,87% на 7.854 поени.