УТРО.мк

Владата го намалува ДДВ на горивата на 10%

Владата го намалува ДДВ на горивата на 10%
Vero

Порастот на цените на енергенсите на глобално ниво, поттикнат од тензиите на Блискиот Исток, веќе ја чувствува и домашната економија. Сепак, Владата уверува дека засега ќе успее да го амортизира ударот врз граѓаните, и покрај зголемениот притисок врз пазарот на горива.

На прес-конференција, премиерот Христијан Мицкоски откри дека Македонија во моментов бележи невообичаен раст на потрошувачката на гориво – дури за околу 9 проценти повеќе од вообичаеното. Причината, според него, е јасна: значително пониските цени во земјата во споредба со соседството привлекуваат странски возачи кои масовно полнат резервоари на македонските бензински пумпи.

Овој тренд најсилно се чувствува во пограничните градови како Дебар, Струга и Охрид на запад, како и Битола и Гевгелија на југ, додека на север притисокот се концентрира во Куманово. Таму, според проценките, дневно се точат дополнителни околу 150 илјади литри гориво од страна на странски државјани.

И покрај ваквиот наплив, Владата очекува цените да останат стабилни. Регулаторната комисија за енергетика треба да ја следи оваа насока, што практично значи дека бензините нема да поскапат, додека кај дизелот се очекуваат само минимални корекции.

Според најавите, безоловниот бензин од 95 октани ќе се продава во распон од 1,37 до 1,4 евра по литар, додека 98-октанскиот ќе достигне до 1,44 евра. Дизелот, пак, ќе се движи меѓу 1,52 и 1,55 евра за литар. Овие нивоа, како што истакна премиерот, ја позиционираат земјата меѓу најевтините пазари на гориво не само во регионот, туку и пошироко во Европа.

За споредба, во Србија цените се значително повисоки, со бензинот кој достигнува и до 1,83 евра, а дизелот околу 1,8 евра за литар. Сличен тренд има и во Хрватска, каде дизелот на одредени пумпи веќе се приближува до 2 евра. Во Грција и Албанија, пак, цените на горивата се околу 1,9 евра за литар, додека во Косово дизелот надминува 1,6 евра.

Клучниот инструмент со кој Владата се обидува да го задржи овој ценовен јаз е намалувањето на ДДВ-то за горивата, од 18 на 10 проценти. Оваа мерка, како што беше најавено, ќе важи најмалку две недели, почнувајќи од ноќта меѓу 23 и 24 март.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран