Хартиените потврди за царински долг, неопходни за упис и промени во Централниот регистар, заминуваат во историјата. Со револуционерен чекор, Централниот регистар (ЦР) отсега ги добива сите потребни податоци директно од Царинската управа (ЦУ) – електронски и во реално време, со само еден клик.
Оваа дигитална трансформација е огромен потег кон намалување на административниот товар. На заедничка прес-конференција, директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, и директорката на Централниот регистар, Анита Стамнова, ја промовираа новината што ветува заштеда на време и ресурси за фирмите и граѓаните низ целата држава.
„На годишно ниво издававме меѓу седум и девет илјади хартиени потврди. Секое барање бараше од пет до десет дена за обработка – вистински административен маратон. Сега, граѓаните нема да мораат да патуваат до Скопје или да ангажираат скапи адвокати за да ја завршат оваа обврска“, истакна Николовски.
Тој е дециден: „Со овој чекор, јасно ја демонстрираме нашата посветеност за создавање подобри услови за водење бизнис, преку драстично намалување на бирократските процедури. Бизнисот нема време за чекање! Како институции, сме должни да работиме кон одржливо општество каде што економскиот раст е движен од зголемената ефикасност и довербата во системот.“
Дигитализацијата носи не само брзина, туку и сигурност. „Истовремено, овозможуваме безбедност, интегритет и точност на податоците, со што активно делуваме во насока на сузбивање на можни измами“, додаде Николовски.
Директорката на ЦР, Анита Стамнова, потврди дека е успешно завршена првата фаза од проектот – надградба на Едношалтерскиот систем за автоматско обезбедување на доказ за платени царински давачки во постапките за упис на промена – пренос на удел.
„Централниот регистар и Царинската управа остануваат посветени на трансформација на услугите, фокусирани на корисниците и нивните потреби, користејќи модерни дигитални технологии. Ги охрабруваме сите институции да продолжат со меѓусебна соработка за имплементација на поефикасни електронски услуги, односно за градење на функционален систем на јавни услуги како основа за враќање на довербата во институциите на нашата држава“, заклучи Стамнова.


























