УТРО.мк

Ryanair очекува стабилни цени на билетите во пикот на летната сезона

Ryanair очекува стабилни цени на билетите во пикот на летната сезона
Vero

Ryanair влегува во пикот на летната сезона со умерен оптимизам за цените на билетите, најавувајќи дека тие би можеле да останат на приближно исто ниво како и минатото лето. Ирската нискобуџетна авиокомпанија истовремено испраќа порака дека притисоците околу снабдувањето со гориво се намалуваат, откако глобалните добавувачи ги засилиле испораките и почнале да бараат алтернативни извори надвор од традиционално чувствителниот регион на Персискиот Залив.

Финансиските резултати за годината што заврши во март ја потврдуваат стабилната побарувачка за патувања. Компанијата остварила приходи од 15,54 милијарди евра, што претставува раст од 11 проценти на годишно ниво. Добивката по оданочување, без еднократни ставки, бележи уште понагласен скок од 40 проценти и достигнува 2,26 милијарди евра. Во истиот период, Ryanair превезла 208,4 милиони патници, што е зголемување од 4 проценти, и покрај одложувањата во испораката на 29 авиони од типот Boeing 8200.

Ценовната динамика во изминатата фискална година оди нагоре, билетите во просек биле поскапи за околу 10 проценти во однос на претходниот период. Но краткорочните прогнози покажуваат посмирено движење: за периодот април–јуни се очекува намалување од околу 5 проценти, главно поради тоа што Велигден годинава се паднал порано, во март. За летните месеци, компанијата предвидува стабилизација, односно цени кои би се задржале „повеќе или помалку“ на ланското ниво.

Од менаџментот доаѓаат сигнали дека и ризикот околу горивото се ублажува. Финансискиот директор Нил Сорахан посочува дека рафинериите веќе го зголемиле капацитетот на преработка и активно обезбедуваат алтернативни извори на снабдување, што ја намалува изложеноста на потенцијални шокови од Блискиот Исток.

Слично оптимистички тон има и извршниот директор Мајкл О’Лири, кој наведува дека добавувачите ја увериле компанијата оти до средината на јули не се очекуваат прекини во испораката на гориво. Сепак, во Ryanair остануваат внимателни: цените на горивото, даночните оптоварувања и општите трошоци и натаму се сметаат за клучни фактори што можат да ја разнишаат стабилноста во авиоиндустријата, особено во услови кога дел од патниците сè почесто ги одложуваат своите резервации.

MegaWin
MegaWin
Green Machines

Сподели го овој напис

MegaWin
MegaWin
Филигран